for educators

for organization

МОНТАЖА: ТАЈНИОТ ФИЛМСКИ ЈАЗИК

Временска рамка

приближно 3 часа

приближно 7 часа

25–30 мин

Број на учесници

макс. 10

Ознаки

Создадено од

Славомира Мачакова

ЗА ЕДУКАТОРИ

Земи тастатура и монтирај ја твојата филмска приказна! Оваа практична работилница за теорија ќе ве запознае со различните пристапи кон филмската монтажа и ќе ви покаже како да ги разберете и да ги искористите во вашиот краток филм.

Соодветност на наставната програма

Ви предлагаме да ја имплементирате методологијата како дел од вашите училишни предмети како што се: Медиумско образование, Информатика или Ликовна уметност. Методологијата може да се имплементира и преку самостојни проекти, семинари, наставни блокови, курсеви и слични методи. Учениците ќе:

  • научат како да не консумираат, туку да разбираат, анализираат, критички да пристапуваат и да создаваат медиумска содржина;
  • научат да ја сфатат монтажата како уникатен филмски јазик;
  • ја зајакнат својата способност да создаваат моќна и привлечна приказна и да претстават идеја преку слики без зборови; да вежбаат апстрактно да размислуваат;
  • научат како да работат со информатичка технологија (софтвер за монтажа), од пребарување материјал, прегледување, внесување и експортирање на датотеки, видео формати, и видеомонтажа.

За активноста

Од Ајфеловата кула до Монт Еверест за дел од секунда? Скокање од минатото во иднината? Истото лице, но секојпат различна емоција? Честопати, целосно сме несвесни за филмската монтажа – таа не користи зборови и не е видлива. Сепак, таа е суштинска алатка на филмскиот јазик која го контролира ритамот на филмот, создава тензија, значење или внесува емоции. Уште во своите рани денови, филмскиот рез се користел како трик во магични претстави. На оваа дводневна работилница ќе ја откриете неговата магија, ќе си играте со неговите бескрајни можности и ќе креирате свои експерименти за монтажа.
Целта на работилницата е да се прикажат различните употреби на филмскиот рез и како неговата композиција може да влијае на ритамот на филмот, емоциите на публиката или сфаќањето на значењето. Тука пристапуваме кон филмскиот рез како средство кое е типично за филмскиот јазик и може да изрази идеи без употреба на зборови. Работилницата на еден интерактивен начин го претвора теоретското знаење во пракса, и им дозволува на учесниците разиграно да ги создаваат и откриваат можностите за монтажа на нови ексирементални начини. Кога станува збор за историјата на филмот и прикажувањето инсерти, може да ја прикажете поврзаноста на историското и современото, и да го задржите вниманието на децата со што ќе им понудите блискост со материјалот.

Составивме еден краток квиз за да го проверите вашето филмско знаење по работилницата – проверете го!

Што добиваат учесниците

  • основно познавање на историјата на филмската монтажа и нејзината употреба од почетоците на филмот па сè до денес;• способност за читање на процесот на монтажа на филм, користејќи филмски примери за да опишат што прави монтажата и како влијае на нашата перцепција;
  • искуство со монтажа на аудиовизуелен материјал во краток филм;
  • искуство со работа со информатичка технологија (софтвер за монтажа, пребарување материјал, прегледување, преземање и експортирање на датотеки, видео формати, видео монтажа).

Read more

Што добиваат едукаторите

  • можност да се научи нешто ново за филмската монтажа;
  • да се поттикне интересот кај децата за една помалку позната област;
  • да се зголеми интересот кај децата за филмот;
  • да се научат децата на нова техничка вештина;
  • корисност за културната заедница;
  • да се поврзе иновативната содржина со педагошкиот процес (практични и теоретски активности, структурирана групна работа).

Read more

Ресурси

Барања на местото на одржување

  • компјутерска соба (барем за вториот ден од работилницата)
  • стол и маса за секој учесник и тутор
  • флипчарт табла или бела табла
  • простор надвор од собата со компјутери за кетеринг/ужина (опционално)

Технологија

  • најмалку три паметни телефони со апликација Камера што овозможува паузирање за време на снимање видео (учесниците можат да ги користат своите уреди).
  • секој учесник и тутор треба да има пристап до компјутер или лаптоп со интернет конекција. Доколку ресурсите се ограничени, еден уред може да го делат двајца учесници, или може да се користат таблети како алтернатива.
  • платно за проекција или доволно голем празен бел ѕид
  • ја препорачуваме бесплатната онлајн апликација „Канва“ за видео монтажа. Може да се користат и други едноставни алатки за монтажа, под услов предавачот да е запознаен со нив. Да се достапни на сите уреди на учесниците и да вклучуваат пристап до библиотека со видеа за кои не се потребни авторски права.

Материјали

  • канцелариски материјал (пенкала, моливи)
  • чиста хартија
  • филмски инсерти
  • флипчарт маркери

Преземи ги сите едукативни материјали

Чекор по чекор

Прв ден

Забелешка: Однапред започнете со подготовката за работилницата. Доколку треба да ги прегледувате дополнителните образовни материјали од Платките, не заборавајте да одвоите дополнително време. Важно е темелно да се запознаете со филмските референци. Некои од филмовите се анализирани во придружните материјали, што може да послужи како извор на инспирација.

  1. Пред работилницата, подгототе избор на референци со кои ќе работите, заедно со нивните временски ознаки. За првата активност, каде што децата го бројат бројот на кадри во една сцена, подгототе една акциона сцена (тепачка, потера итн.), една помирна сцена (разговор) и сцена во еден кадар (без кадри). Пребројте ги кадрите во секој од сцените однапред и запишете ги броевите. — 30 мин.
  2. Испечатете ги материјалите за вежбање на ефектот на Кулешов од Платките. Исечете ги сликите. — 20 мин.
  3. Имајте на ум дека учениците ќе треба да бидат најавени за да работат онлајн во „Канва”. Креирајте сметки однапред за сите регистрирани ученици или тестирајте дали апликацијата работи за вас на повеќе уреди, дури и со една споделена сметка. Бесплатната верзија на „Канва” има ограничени функции и видеа од залихите без авторски права, но сепак може да послужи. — 30 мин.
  4. Однапред запознајте се со техничката опрема на просториите во која ќе се одржи работилницата. Проверете дали сите компјутери/лаптопи/таблети работат. Преземете го листот со предлози за идеи на секој уред. Креирајте споделена папка на „Гугл драјв” или слично за видеата на учениците. — 60 мин.
  5. Однапред кажете им на учениците дека ќе им биде потребен еден паметен телефон за работилницата и погрижете се да има најмалку три паметни телефони на работилницата.
  6. На денот на работилницата, дојдете рано. Отпрвин, на учениците нема да им бидат потребни компјутерите. Подгототе се и проверете ја врската помеѓу вашиот компјутер и проекторот. Проверете ја вашата интернет конекција. — 15 мин.
  7. Подгототе ги вашите филмски референци: отворете ги во табовите на прелистувачот или однапред подгототе ги како отворени датотеки. Обидете се да заштедите што е можно повеќе време, избегнувајте пребарување на одредени референци за време на работилницата. — 10 мин.
  8. Подгототе ја флипчарт таблата/белата табла и поставете ги листови хартија и прибор за пишување на масите за сите ученици. — 5 мин.
  1. Запознајте се. (СОВЕТ: Охрабрете ги сите да кажат неколку зборови за себе, почнувајќи од себе. Кажете го вашето име и зошто одлучивте да ја водите работилницата. Додадете прашање за филмот, кој ви е омилен филм, серија, лик итн.) – 10 мин.
  2. Претставете ја работилницата и опишете ги нејзините различни делови. Можете, исто така да го опишете посакуваниот резултат. (СОВЕТ: Видливата скица им помага на децата да го следат напредокот на работата.) – 5 мин.
  3. Објаснете што е монтажа на филм откако ќе им дозволите на учесниците прво да се обидат да го објаснат со свои зборови. – 5 мин.
  4. Активност: На вашата група покажете ѝ како да забележи филмски рез. Пуштете три кратки филмски инсерти: акциона сцена со густи резови, мирна сцена со разговор и сцена од еден кадар без резови. Учесниците нека ги избројат резовите. Засега не прашувајте за толкувања. Резултатот треба да биде забавен – веројатно е дека секој од учесниците ќе дојде до различен број резови за сцените со брзо темпо. Добивањето на точниот број не е поентата; Ова е само загревање за да започнат, за да им помогнете да се вклучат во процесот на монтажа, да сфатат колку често го занемаруваме, но исто така и да најдат храброст за интеракција. – 10 мин.
  5. Филмска референца: Употребата на монтажа во почетоците на филмот. Користејќи примери од филмови на Брајтонската школа и Жорж Мелиес, објаснете ја употребата на трик монтажата или смешни шеги. Објаснете како функционира стоп-трикот, објаснувајќи дека резот треба да биде скриен од публиката, бидејќи единствено на тој начин трикот може да функционира. Можете исто така, да ги ставите филмовите во контекст и накратко да ги споменете нивните автори, но избегнувајте долги предавања. – 15 мин.
  6. Активност: Поделете ги учесниците во групи од 2 до 4 лица каде што има барем еден паметен телефон во секоја група. Насочете ги групите да направат кратко видео користејќи кадар-по-кадар техника (можат да направат некој предмет да исчезне, некое лице да исчезне, предметот да се претвори во нешто друго итн.). На крајот, заедно прегледајте ги видеата. – 15 мин.
  7. Кратка пауза – 10 мин.
  8. По паузата, прашајте ја групата кои сцени биле најлесни, а кои најтешки за броење. Опишете како монтажата во филмот може значително да влијае на ритамот, емоциите и значењето преку избор на кадри, редослед и времетраење. Можете да ги запишете овие концепти на табла за да ги имате на ум. – 10 мин.
  9. (ОПЦИОНАЛНО) Накратко објаснете го историскиот контекст на советската монтажна школа. Споменете ги Сергеј Ајзенштајн, Лев Кулешов и Ѕига Вертов, но накратко. (СОВЕТ: Некои учесници, особено од украинско потекло, може да се чувствуваат непријатно кога ќе го слушнат зборот „советски“. Обидете се да ја избегнете придавката „советски“ додека не го објасните контекстот. Имајте ги на ум пропагандните филмови направени во тоа време и потребата да останете критични кон содржината, а воедно да ја цените иновацијата на формата и нејзиното континуирано влијание врз филмот денес) – 10 мин.
  10. Покажете ја познатата сцена „Скалите во Одеса“ од „Крстарицата Потемкин“ (1925, временска ознака 47:00–54:30). Претставете ја сцената во контекст и накратко опишете го заплетот. Кажете им на учесниците да се обидат да размислат за аналитичката рамка – ритам, емоции и значење – додека ја гледаат сцената. Прашајте ги: „Кои кадри се комбинирани во сцената? Дали има нешто што ве изненадува во врска со комбинациите? Како го перцепирате времето додека ја гледате сцената? Кога чувствувате најголема неизвесност за време на сцената? Што влијае на вашите чувства додека гледате?“ – 5 мин.
  11. Филмска референца: Пуштете инсерт од „Крстарицата Потемкин“. – 10 мин.
  12. Дискусија: Прашајте ги учесниците како ја согледале сцената. Ако никој не проговори, насочете ги понатаму прашувајќи ги: „Кои кадри се комбинираат во сцената? Дали има нешто што ве изненадува во врска со комбинациите? Како го перцепирате времето додека ја гледате сцената? Кога чувствувате најголема неизвесност за време на сцената? Како музиката влијаеше врз вашата перцепција?“ – 10 мин.
  13. (ОПЦИОНАЛНО) Доколку времето дозволува и сите се сè уште фокусирани, пуштете го инсертот од „Крстарицата Потемкин“ уште еднаш. Гледањето на истиот клип повторно по дискусијата може да им помогне на децата да се сетат што научиле. – 10 мин
  14. Дискусија: Прашајте ги учесниците дали можат да се сетат на некоја филмска сцена каде што монтажата е употребена на сличен начин. Обидете се да ги пронајдете нивните одговори на Јутуб, пуштете ги, а потоа дискутирајте како претходно. – 15 мин .
  15. Доколку нема идеи, пуштете нешто вие самите. Изберете попопуларен филм со сцена на потера или борба (СОВЕТ: воведната сцена од „Возач“, 2017). Потсетете ја вашата група повторно да размисли за трите аспекти (видете 8) и водечките прашања (видете 9) додека го гледаат извадокот. – 10 мин.
  16. Дискусија: Прашајте ги учесниците што мислат за инсертот. Доколку никој не каже ништо, обидете се повторно со прашањата (12). – 10 мин.
  17. Кратка пауза – 10 мин.
  18. Дозволете им на учесниците да објаснат со свои зборови како монтажата може да влијае на нашите емоции и значењето што му го припишуваме на филмот. – 2 мин.
  19. Претставете го ефектот на Кулешов и покажете го во филмска референца. – 5 мин.
  20. Активност: Распределете копии од филмски фотографии од Алатките и вежбајте го ефектот на Кулешов. Секоја група избира три копии од истиот филмски кадар и три различни слики. Учениците работат во групи за да состават три комбинации од кадри. Секоја започнува со истиот прв кадар, проследен со втора различна слика. Откако ќе завршат, прашајте ги што пренесува секое спарување, што се менува помеѓу верзиите и како се менува контекстот на сцената. – 10 мин.
  21. Претставете го концептот на интелектуална монтажа. Објаснете дека монтажата може да пренесе апстрактни идеи како метафори или симболични значења надвор од сликата на екранот. Како пример користете ја сцената со бомбардирањето на Операта во Одеса од „Крстарицата Потемкин“ (временска ознака 54:30–55:07). Потоа, прашајте ги учениците како би ја протолкувале сцената и какви идеи или емоции буди кај нив. – 10 мин.
  22. Филмска референца: Покажете посовремена употреба на интелектуална монтажа, како што е сцената со фрлена коска од „2001: Вселенска Одисеја“ (временска ознака 18’30“-19’30“). Учениците повторно нека ја протолкуваат. (СОВЕТ: Користете популарен материјал со кој младите учесници можеби се запознаени, како што е видео трејлерот за „Барби“ (2023), а потоа надоврзете се на „2001: Вселенска Одисеја“). – 15 мин.
  23. Филмска референца: Откако сите ќе ја разберат монтажата и ќе можат да ги протолкуваат филмските инсерти, вклучувајќи го и нивното апстрактно значење, објаснете како монтажата може да се користи за да се отстрани заплетот од ликовите или местото во експерименталниот филм „Последен рез: Дами и господа“ (2012). Пуштете краток инсерт од филмот и подгответе ги учениците за следниот ден, кога ќе бидат поканети да создадат нешто слично. – 15 мин.
  24. Прашајте ја групата колку главни ликови има филмот „Последен рез: Дами и господа“, колку актери глумат и за што станува збор. Тие треба да бидат способни да разберат дека монтажата го обликува заплетот. Без разлика колку актери ги играат главните ликови: нашиот ум сè уште може да состави кохерентна приказна. – 5 мин.
  1. Заблагодарете им се на учесниците за нивната работа и оценете ја работилницата. Прашајте ги учесниците што им се допаднало најмногу, а што не им се допаднало. Побарајте предлози за тоа како да ја подобрите работилницата. – 10 мин.
  2. Доколку е важно, потсетете ја групата на местото на состанокот следниот ден пред да заминете и побарајте од нив да започнат да размислуваат за кратката приказна што би сакале да ја монтираат. – 2 мин.

Втор ден

  1. Пристигнете на местото на состанокот однапред. Поставете компјутери/лаптопи/таблети во компјутерската соба за сите учесници. Проверете ја интернет-врската и отворете „Канва“ (или друга програма за уредување по ваш избор) на сите уреди. Најавете се на вашата сметка на секој од уредите. Отворете споделена папка (како што е „Гугл драјв“) за да ги прикачите завршените проекти. Подгответе ја и проверете ја врската помеѓу вашиот компјутер и проекторот. – 20 мин.
  2. Поставете материјали за пишување на сите маси – 5 мин.
  3. Подгответе ги флипчарт таблата и маркерите. – 5 мин.
  1. Поздравете ја групата, прашајте ги како се чувствуваат и што се сеќаваат од вчерашната сесија. – 10 мин.
  2. Потсетете ги учесниците на сите други важни информации или факти што не ги споменале. – 5 мин.
  3. Запознајте ја групата со „Канва“ (или друга програма што ќе ја користите). Покажете им ги основните функции (како да внесуваат видео датотеки, да пренесуваат видео датотеки на временската линија, да уредуваат видеа, да бришат видеа од временската линија, да преместуваат видеа низ временската линија на различни начини, да додаваат музика во временската линија). – 20 мин.
  4. Активност: Побарајте од учениците да ги користат достапните видеа за експеримент на Кулешов во три различни варијации, користејќи максимум два кадри во секоја варијација, при што еден од нив е ист секојпат. Помогнете им со тоа што ќе ги запишете овие правила на таблата. Дајте им доволно време за да ги изберат клиповите, а потоа дозволете им да работат самостојно. – 20 мин.
  5. Покажете ѝ на групата како да ги експортираат готовите видеа. Нека ги прикачат готовите видеа во споделената меморија. – 10 мин.
  6. Кратка пауза. За тоа време можете да ги подготвите видеата за да бидат прикажани од вашиот уред. – 10 мин.
  7. Презентација. Заедно, погледнете ги сите видеа што ги создале учениците. – 15 мин
  8. Објаснете дека сега секој ќе создаде свој краток филм користејќи слични техники како во „Последен рез“ (2012). Поврорно прикажете го инсертот (по избор). Учениците можат да смислат свои приказни или да адаптираат идеи од Алатките – 10 мин
  9. Активност. Побарајте од учесниците да ги монтираат своите филмови користејќи ги онлајн снимките од „Канва“. Видеата не треба да бидат подолги од 5 минути. Дајте им на учениците доволно време за ова, прошетајте наоколу и понудете помош по потреба. – 40 мин.
  10. Побарајте од учениците да ги експортираат своите филмови и да ги прикачат во споделената папка. – 5 мин
  11. Презентација: Заедно, погледнете ги сите филмови. – 20–30 мин.
  1. Заблагодарете им се на учесниците за нивната работа и оценете ја работилницата. Прашајте ги учесниците што им се допаднало најмногу, а што не им се допаднало. Побарајте предлози за тоа како да се подобри работилницата. – 10 мин.
  2. Погрижете се секој учесник да го добие својот последен проект за да го преземе – ова е од суштинско значење. – 5 мин.

Филмови за гледање

Почетоци на филмска монтажа

Пат кон месечината

Режисер:

Жорж Мелиес

Земја:

Франција

Година:

1902

Времетраење:

13 мин.

Црниот ѓавол

Режисер:

Жорж Мелиес

Земја:

Франција

Година:

1905

Времетраење:

4 мин.

Незгодите на Мери Џејн

Режисер:

Џорџ Алберт Смит

Земја:

Обединетото Кралство

Година:

1901

Времетраење:

4 мин.

Големото проголтување

Режисер:

Џејмс Вилјамсон

Земја:

Обединетото Кралство

Година:

1901

Времетраење:

1 мин

Zmizení dámy

Режисер:

Жорж Мелиес

Земја:

Франција

Година:

1897

Времетраење:

1 мин.

Советска монтажна школа

Октомври: Денот што го потресе светот

Режисер:

Сергеј М. Езенштајн, Грегори Александров

Земја:

СССР

Година:

1928

Времетраење:

95 мин.

Крстарицата Потемкин

Режисер:

Сергеј М. Езенштајн

Земја:

СССР

Година:

1925

Времетраење:

105 мин.

Ефектот на Кулешов

Ефектот на Кулешов

Режисер:

Лев Кулешв

Други филмови

2001: Вселенска Одисеја

Режисер:

Стенли Кјубрик

Земја:

САД

Година:

1968

Времетраење:

149 мин.

Возач

Режисер:

Едгар Рајт

Земја:

САД/ Обединетото Кралство

Година:

2017

Времетраење:

112 мин.

Барби, трејлер

Режисер:

Грета Гервиг

Земја:

САД

Година:

2023

Времетраење:

1 мин.

Последен рез: Дами и господа

Режисер:

Ѓорѓи Палфи

Земја:

Унгарија

Година:

2012

Времетраење:

84 мин.

Направете ја достапна за сите

Оваа работилница е предизвикувачка од неколку аспекти – бара многу ресурси, користи тешка теорија и е долготрајна, и претпоставува основни технолошки вештини. Исто така, бара јазични вештини, особено при пребарување на „Канва“ видеа со клучни зборови. Погледнете го нашиот прирачник за пристапност за да ја направите вашата работилница колку што е можно поинклузивна.
При спроведување на работилницата, земете ги предвид индивидуалните потреби и способности на учесниците. Набљудувајте ја вашата група и доколку видите дека некој се мачи, размислете за изоставување на теоретските и опционалните делови. Поминете повеќе време на активности каде што децата можат да бидат креативни или да се движат низ просторијата. Користете јасен и концизен јазик и структура на реченици што е достапна за сите учесници.
Доколку јазикот на работилницата е странски или втор јазик за некои од учесниците, проверете го нашиот лист со совети во Алатките и преведете го на нивниот мајчин јазик. Имајте предвид дека можеби ќе им треба дополнителна помош со клучните зборови во „Канва“. Поканете асистенти за настава или инклузија за да се осигурате дека никој не е изоставен или заостанува.

Мисли и искуство

Што создадовме

ЗА ОРГАНИЗАЦИИ

Што добиваат организациите

  • можност да се допира до поширока и помлада публика
  • кратки видео клипови за промоција

Барања на тимот

  • За работилницата е потребен еден предавач или наставник кој разбира филмска монтажа. Длабинско познавање на филмската теорија не е потребно, но треба да може да ја спроведете работилницата врз основа на материјалите достапни во Алатките.
  • Препорачуваме да поканите асистент за настава. Има многу самостојна работа, а дополнително лице кое ќе им помага на децата да ги завршат задачите може да биде од голема корист.
  • Доколку учесниците во работилницата вклучуваат деца со посебни потреби (од која било маргинализирана група), препорачливо е да поканите асистент/водич за инклузија кој ќе биде целосно посветен на групата и ќе се погрижи сите деца да имаат колку што е можно порамноправно и поцелосно искуство во работилницата.
  • Некој кој ќе помогне во продукцијата на работилницата и/или промоцијата.

Совети за финансирање

Пред имплементацијата, добра идеја е да се размисли за финансиското покривање на следните трошоци:

  • надомест за предавач;
  • техничка поддршка;
  • надомест за асистент за инклузија (доколку е потребно)
  • надомест за асистент на настава (доколку е потребно);
  • лиценца за „Канва ПРО“ или друг софтвер за монтажа (опционално);
  • опрема за изнајмување простор;
  • кетеринг (опционално);
  • надомест за авторски права за прикажување на филм (доколку е потребно);

Темата на работилницата е директно поврзана со аудиовизуелната продукција. Ако сте организација, можете да користите средства или субвенции од структури што поддржуваат активности во аудиовизуелната индустрија. Или, ако во близина се одржува филмски фестивал или изложба, можеби е добра идеја да ги поканите заедно да ја организирате работилницата. Освен подобра промоција, со таа соработка може да добиете техничка поддршка или да покриете дел од трошоците. Размислете за соработка со локалните училишта, преку организирање на работилницата во нивните простории или со изнајмување простор. Училиштата обично имаат и компјутерски простории и технологија што би можеле да ви ја обезбедат за работилницата.

Совети за промоција

  • употреба на кој било достапен канал (веб-страница на организаторот на работилницата, социјалните медиуми, билтен или покани преку е-пошта)
  • креирајте формулар за регистрација за луѓето да се пријават
  • промовирајте ја работилницата доволно време однапред за таа органски да стигне до луѓето
  • земете го предвид платеното рекламирање на социјалните медиуми (во зависност од вашиот буџет)
  • во описот, јасно наведете што се работи на работилницата, кога и каде ќе се одржи и за кого е наменета
  • објавете видео покана од предавачот или член на организацијата два или три дена пред датумот на почеток на работилницата
  • флаери, постери, радио-реклами и реклами во весници (исто така и онлајн)

Пронајдете ја вашата публика

Доколку вашата работилница е за помлади учесници, можете да ја рекламирате преку контактирање на наставници, директори на училишта, или родители. За тинејџерите, најдобро е да се обратите или кај нивниот класен раководител или кај предметните наставници, бидејќи тие имаат директно влијание врз учениците. Оваа работилница, исто така може да биде интересна за ученици кои се дел од драмските секции и клубовите. Директна е-пошта исто така е опција. На пример, можете да ги замолите клубовите да ја вклучат вашата реклама во нивните редовни билтени за нивните претплатници.
Исто така, можете да залепите постери во училишта, кина, игротеки, кафулиња, книжарници и сл.